Македонија
13. September 2017 - 13:50

Во Охрид промовирана регионална „ИноПлатформа“ за зајакнување на конкурентноста и иновативноста на компаниите

Пет држави од балканско-средноморската област меѓу кои и Македонија ќе разработуваат платформа насочена кон зајакнување на конкурентноста и иновативноста на бизнис-субјектите, како и алатки со кои компаниите би ги реализирале своите нови бизнис-идеи.

Претставници на шест организации од Кипар, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија денеска во Охрид ја промовираа т.н. „ИноПлатформа“, двогодишниот проект поддржан од Интерег-Програмата на Европската унија осмислен како начин за поддршка на можностите, капацитетите и знаењата на малите и средните претпријатија во регионот.

- За да може една компанија во денешно време да биде конкурентна и конкурентно одржлива на долг временски рок, мора да биде иновативна. Мора не само постојано да воведува нови производи и услуги, туку истовремено да биде способна да ги менува и своите внатрешни процеси, да ги менува начинот како ги организира своите ресурси и налинот како ги остварува своите приходи, истакна Андријана Богдановска, проектниот менаџер на „ИноПлатформата“.

Рангирањата на конкурентноста што ги спроведуваат релевантни субјекти како Светскиот економски форум, Светскиот иновацискиот индекс, покажуваат дека кога станува збор за конкурентноста и иновативноста кај националните економии и компаниите во нив, држави од балканско-медитеранскиот регион без исклучок заостануваат зад земјите од ЕУ и развиените економии.

- Во светот во кој живееме мораме да се навикнеме дека промените се дел од секојдневнието. Ако компаниите не научат како да опстојат во таквиот свет, тие ќе пропаднат што на крајот неповолно се одразува на самите економии, нагласи Богдановска.

Во рамки на проектот „ИноПлатформа“ предвидено е да се реализира и обемно, комплексно истражување за вистинските потреби кај малите и средни претпријатија, што би се рефлектирало и врз разработка на соодветни алатки за подобрување на иновативноста и конкурентноста на бизнис-субјектите.

- Не целта само да се дојде до добра идеја. Сите компании разработуваат новини, но за жал 90 отсто од нив не се во можност или не успеале да реализираат потенцијално добри бизнис-идеи. „ИноПлатформа“ ќе понуди алатки што ќе им овозможат на малите и средните препријатија поголема успешност при воведувањето и имплементација на иновациите во својот бизнис, појасни таа.

Сите пет држави вклучени во овој проект ќе воспоставаат и т.н. Центри на извонредност во иновациите кои ќе работат на подобрување на пристапот на малите бизниси до знаење и експертиза во делот на иновациите.