Бизнис
22. September 2016 - 13:32

Во Охрид Меѓународна конференција на кластерите од Балканскиот и Црноморскиот регион

Повеќе од 120 експерти од 22 држави од целиот свет учествуваат во работата на 7-та Конференција на кластери од регионот на Балканот и Црноморието што во организација на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Министерството за економија, МАНУ и Куќата на кластери од Ниш од денеска се одржува во Охрид.

-  Кластерите како економска форма на здружување успева да развива иновативнот и конкурентност, особено кај малите и средните претпријатија. Здружувањето во кластери овозможува искористување на заедничките ресурси на компаниите, државните институции и науката во развој на нови производи и услуги, истакна професор Радмил Поленаковиќ од „Бизнис старт-ап центарот“ при Машинскиот факлултет од Скопје.

Тој појасни дека Македонија десет години развива кластеринг, со формирани 30 соодветни кластерски здруженија, што статистички гледано е значаен удел доколку се знае дека на ниво на Европа постојат вкупно некаде околу 2.500 стопански кластери.

Според одреден вид индикатори претставени на Конференцијата во Охрид, Република Македонија беше посочена како најдобра држава во Европа со најпоедноставени процедури за започнување бизнис и најкус рок за основање фирма.

- Тоа е значен податок што овозможува развој на млади фирми и нивно натамошно кластерско здружување и развој, додаде Поленаковиќ.  

Тројца  од најдобрите десет светски експерти од областа на кастерингот тука во Охрид ќе пренесат дел од своите искуства и знаења за унапредување на кластерски форми на здружување.

Ифор Вилијамс од Нов Зеланд, експерт за кластеринг со меѓународно искуство во областа кој работел во 50 држави низ целиот свет, посочи дека Македонија има позитивни примери на кластерски форми на работа, како што се оние во областа на текстилната индустрија, автомобилскиот кластер, кластерот за одгледување полжави.

Вилијамс посочи дека целта на кластерингот не е да измисли топла вода, туку да создаде клима или култура за формирање отворен систем каде самиот бизнис ќе утврди заднички цели и зони на интерес, што со поддршка на државата ќе резултира со поконкурентни производи и услуги.

- Развојот на кластерингот значи градење тимови што ќе работат во насока на препознавање на сопствените потенцијали и активности за нивно зајакнување. Да се препознае што е најдоброто што го поседуваме и потоа активно да се работи на натамошно унапредување, рече тој.

Како три клучни насоки за развој на кластерските форми на здружување тој ги посочи фактот што кластерингот мора да потекнува од бизнис-заедницата и да ја поддржува истата. Како втор фактор е посочена конкретна поддршка на државата, која ќе ги препознае потребите на одредените форми на бизнис и преку соодветна правна заштита и легислатива ќе придонесе за нејзин развој, истовремено обезбедувајќи и конкретна финансиска помош.

- Трета точка е потребата од научен пристап, создавање академска основа и конкретни научни знаења што ќе бидат трансферирани во развојот на конкретниот бизнис, рече Вилијамс.

Како најдобри примери на кластерско здружување беа посочени кластерите во Скандинавските земји, Германија, Франција, Велика Британија, Австралија.

Што се однесува на македонските искуства во областа на кластерингот, експертот Вилијамс ја нагласи проактивната улога на Владата во развојот, поддржувајќи ги 30-те кластери што веќе постојат тука.

- Не случајно тука се одржува оваа конференција, тука сме и да ги слушнеме вашите искуства и да размениме знаења преку позитивни практики во насока на подобрување на формите на кластерско здружување, истакна Вилијамс.