Во Охрид 18.годишна конференција на Македонската берза на хартии од вредност
Македонската берза на хартии од вредност денеска во Охрид ја одржува 18. годишна конференција на која ќе бидат разгледувани теми од работата на финансиските пазари, за акционерството како модел на организација на фирмите, новините во фондовската индустрија во Македонија, но и новини во финансиското работење како колективните платформи за финансирање, влијанието на новите технологии во финансискиот сектор и трансформација на бизнис-моделите на берзите.
Според главниот извршен директор на Македонската берза на хартии од вредност Иван Штериев состојбите на берзанското тргување во Македонија се задоволителни, за што потврда е реализираниот промет во првиот квартал на оваа година од неполни 17 милиони евра, што е второ најдобро остварување во последните пет години. - Сепак, дека политичката криза неповолно влијае врз финансиските текови покажува податокот што речиси веќе не се присутни странски инвеститори, а пазарот целосно се потпира врз македонските инвестиции, со сите импликации што тоа ги носи, рече Штериев.
Претседателот на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингароска истакна дека севкупните политички случувања во нашата држава влијаат врз однесувањето на инвеститорите и нивните одлуки да инвестираат на македонската берза.
- Сите ние, чинители на пазарот на хартии од вредност, работиме на ублажување на последиците од воздржувањето на инвеститорите да вложуваат во македонските компании. Токму поради тоа целите и принципите на работење и вредностите на Комисијата за хартии од вредност на РМ, ни се основниот лајтмотив за проектирање и реализирање на нашите секојдневни активности, кои ќе придонесат за создавање на поголема сигурност и стабилност на пазарот на хартии од вредност и поголема предвидливост на постапките на сите пазарни учесници, истакна Чингароска.
На конференцијата во Охрид учествуваат и гости од странство, вообичаено тука се колеги од берзите и пазарите на капитал од државите од регионот, како и претставници на финансиските сектори од Шведска и Швајцарија.
Директорот на Белградската берза Синиша Крнета истакна дека после светската економска криза од пред десетина години, балканските финансиски пазари повторно се соочуваат со потешкотии во финансирањето на растот и развојот на веќе етаблираните гиганти во приватниот сектор.
- Сведоци сме дека имаме релативно бавен, не особено активен банкарски сектор во целиот регион, а од друга страна како главен извор на финансирањето доминира задолжувањето кај банките. Токму тоа го покажа случајот „Агрокор“, кога криза во една голема приватна компанија предивикува последици по финансиското работење во поширокиот регион, со неповолни импликации по економијата, рече Крнета.
Стандарзирираниот начин на финансирање на компаниите во транзицискиот период последните 25 години во државите од регионот, според Крнета, покажува дека сопствениците на приватниот капитал се уште не ги научиле лекциите за можностите што ги нуди пазарот на капитал.
- Бројките со кои можеме да се пофалиме всушност и не се така позитивни бидејќи воглавно отсуствува приватниот капитал на финансиските пазари, а тој треба да биде двигател на растот и развојот на компаниите, истакна Крнета.
На годишниот собир во Охрид уште беше укажано дека и политичките структури ја пропуштаат можноста да го искористат пазарот на капитал како мотор на развојот на националните економии, што потоа генерира развој и влијае врз намалувањето на невработеноста и зголемување на бруто националниот производ.
Ново на Сител
-
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
-
За еден месец изгорени над 400 хектари шума во Националниот парк Шар Планина
-
Во март зголемени потрошувачките, станбените, автомобилските и кредитите на тековните сметки
-
Приведен 20-годишник кој бил баран со потерница поради бегство од Затворот Гевгелија
-
Боки 13 бара повторено судење за „Рекет“ - има докази со кои ќе покаже каде завршиле парите од чантата Луј Витон
-
Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев
-
Спречен нов атентат врз Зеленски, уапсен Полјак кој соработувал со Русите
-
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС - прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ