Македонија
6. јуни 2017 - 15:54

Во НУБ изложени публикации за и од Европската унија

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска беше отворена изложба „Публикации за и од Европската унија“  на која беа претставени книги од европски автори преведени на македонски јазик, како и брошури и инфоматеријали од ЕУ Инфоцентарот, Гете-институтот и Францускиот институт. 
 
Директорот на НУБ Иван К. Заров на отворањето рече дека промовирањето на европските вредности е исклучително важно во актуелниот политички миг кога, како што рече, постулатите и принципите врз кои се базира Европската унија неретко се преиспитуваат и се доведуваат во прашање.
 
- Се обидовме преку фондовите на Библиотеката и на културните центри во Македонија да презентираме книги, магистерски трудови и докторски дисертации одбранети на македонските универзитети и посветени на различни аспекти од дејствувањето на Европската унија и, секако, тука ќе ги издвојам преводите на значајни дела од големите европски писатели преведени на македонски јазик од македонски издавачки куќи со финансиска поддршка на фондовите од ЕУ, рече Заров.
 
Нагласи дека Македонија е меѓу најуспешните земји кои партиципираат во програмата „Креативна Европа“ во користењето на овој, како што рече, специфичен механизам на ЕУ наменет за издавачкиот сектор. 
 
Тибор Варади, политички советник во Делегацијата на Европската унија во Скопје, зборуваше за важноста на процесот за евроинтегрирање и за придобивките што со членството во Унијата ги стекнала неговата земја Унгарија. Според него, објавените дела со знаењето и информациите што ги содржат имаат огромен придонес во процесот на приближување кон ЕУ. 
 
- Европската унија како мировен проект е успешна приказна. Таа е единствен политички, економски, правен потфат и за својот напор  ја доби и Нобеловата награда за мир... На патот кон ЕУ претстојат големи предизвици - и внатре во рамки на Унијата, но и однадвор. Пример за внатрешно случување е Брегзит, а кризата со мигрантите е нешто што доаѓа однадвор. Европската интеграција не е траен процес туку е  движење по амплитуда, рече Варади, порачувајќи да се користат изданијата поврзани со ЕУ за да може активно да се учествува во дискусиите за Унијата.