Македонија
12. November 2019 - 12:26

Во новиот Предлог-буџет над 10 милијарди денари за одбраната

За одбраната се предвидени над 10 милијарди денари во новиот Предлог-буџет, усвоен на денешната владина седница. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека со тоа „се приближуваме до зголемувањето од 0,2 процентни поени од бруто домашниот производ“, односно практично се приближуваме до 1,4 отсто, имајќи пред вид дека обврската преземена за оваа година е 1,39 проценти од БДП.

Со овие средства, нагласи Шекеринска, пред се и над се може да се инвестира во сериозна модернизација во сите делови на Армијата, согласно долгорочниот план.

– Со ваквиот зголемен буџет во одбраната можеме да финансираме помлада Армија. Денеска е објавен конкурсот за нови 125 професионални војници, можеме да инвестираме во 16 проценти повисоки плати за сите припадници, можеме да инвестираме во повисоки плати на цивилните лица кои работат во Армијата и можеме да финансираме во воведување во т.н. станарина за секој припадник на Армијата, изјави министерката Шекеринска, по извршениот увид во новореновираните и комплетно опремени лаборатории во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и во касарната „Гоце Делчев“, во кои е инсталирана напредна образовна технологија наменета за проектот за напредно учење на далечина.

Таа истакна дека со ова покажуваме и кон нашите припадници на Армијата, но и кон партнерите и сојузници дека кога нешто ќе го земеме како обврска и го завршуваме.