Македонија
14. March 2018 - 21:38

Во Ниш идната недела заедничка седница меѓу владите на Македонија и на Србија

Владите на Република Македонија и на Република Србија идната среда, на 21 март, ќе одржат трета заедничка седница во Ниш.

Претседателите на владите Зоран Заев и Ана Брнабиќ во Ниш ќе имаат тет-а-тет средба, додека истовремено министрите во владите на двете земји ќе одржат билатерални средби со своите тимови.

Заедничката седница на владите на Македонија и на Србија ќе се одржи веднаш по средбите на премиерите и министрите.

Теми на заедничката седница, како што информираат од владината прес-служба, ќе бидат од областа на одбраната, безбедноста, економијата, трговијата, здравството, образованието, од сферата на трудот и социјалната политика, правдата, заштита на животна средина, културата, како и разговори за заеднички иницијативи во инфраструктурата, иновациите, европските интеграции и младинските политики.

Ќе бидат потпишани и документи за соработка во повеќе области.

Заев и Брнабиќ ќе имаат свои обраќања и на Економскиот форум Србија-Македонија што истиот ден го организираат стопанските комори на двете земји, исто така во Ниш.