Балкан
5. March 2018 - 9:55

Во Никозија црвен код поради висока концентрација на суспендирани честички

Многу високи нивоа на суспендирани честички во воздухот (ПМ10) се регистрирани денеска во Никозија, главниот град на Кипар и во неколку други градови на островот, јави „Сајпрес меил“..

Црвен код за концентрација на ПМ честички е објавен во Никозија, Лимасол и Пафос.

Концентрацијата на ПМ10 честички во воздухот во тие градови ги надминува дозволените 50 микрограми на кубен метар.

До 9:30 часот, пријавеното ниво на Никозија изнесуваше 407 микрограми на метар кубен, во Лимасол 336,2 микрограми за кубен метар, а во Пафос 289,4 микрограми за кубен метар.

Кипар се очекува да остане под влијание на зголемената концентрација на прашина во атмосферата до четврток.

Властите побараа од работодавачите да преземат соодветни мерки за вработените кои работат на отворено и ги предупредија ранливите социјални групи, како што се старите лица и луѓето со здравствени проблеми, да не одат надвор, освен ако тоа не е неопходно.