Македонија
26. November 2018 - 13:56

Во Неготино одбележана Неделата на грижа за стари лица

Поставување пункт за мерење шеќер во крвта и крвен притисок во село Долни Дисан, како и посети, здравствени прегледи и достава на храна и облека, беа само дел од активносите со кои Општинската организација на Црвениот крст – Неготино ја одбележа минатата Недела на грижа за стари лица.

Мотото беше „Сите сме нивни деца”.

​-Неделата се заокружи со заедничка дружба на волонтерите и членови од Клубот на млади и Клубот на пензионери „Анри Динан” при Општинската организација на Црвениот крст. Заедничката средба беше од рекреативен карактер. Волонтерите се дружеа преку спортски активности, со играње на шах, табла, домино и пикадо. Учествуваа и ученици од училишниот клуб на Црвениот крст при ООУ „Гоце Делчев”– Неготино, со читање литературни творби, рече секретарот на Општинската организација на Црвениот крст, Тошко Настов.

​Но, со ова, нагласи, не завршуваат активностите на Црвениот крст со старите лица.

– Интенцијата е да продолжат редовните посети во домовите за стари лица и пензионерски домови, со организирање соодветни активности со учество на младите на Црвениот крст, како и вклученост на волонтерите од трето доба, истакна Настов.