Македонија
14. October 2021 - 16:28

Во недела гласање во училници, во понеделник децата назад на настава - ќе биде ли загрозено нивното здравје?

По гласањето во недела, утредента децата ќе влезат да учат во истите простории. Училиштата и градинките во понеделник ќе работат нормално, информираа надлежните министерства. Иако претходно 12 часа во училниците ќе има многу голема фреквенција на луѓе. По пребројувањето на гласовите мора да се направи задолжителна дезинфекција за да се спречи евентуална инфекција со Ковид помеѓу децата и вработените во воспитно –образовните установ, вели епидемиологот Сашко Олумчев кој е задолжен за гевгелискиот регион. Според протоколите дезинфекција треба да се прави и пред и по гласањето. Тој смета доколку се чисти и проветрува неколку часа веднаш по изборните активности, утредента просториите ќе бидат безбедни, во спротивно постои опасност од ширење на заразата.

-Секогаш постои апстрактна опасност и токму заради тоа ја правиме оваа дезинфекција зошто во просторијата може ни престојувал некој заразен кој би бил потенцијална опасност и извор на зараза. Јас за овој регион гарантиран дека ќе ја завршиме работата, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во ЦЈЗ Гевгелија.

Државната изборна комисија пред 2 недели ги информирала сите Општини дека тие треба да обезбедат соодветни средства за дезинфекција во просториите каде се спроведува гласањето. Претседателот на ЗЕЛС вели дека неколку часа се доволни за чистење за децата утредента да бидат безбедни.

-ЗЕЛС има воспоставено рутина особено каде има 2 сменско учење. Очекувам дека нема да има проблем за дезинфекција во училиштата по завршувањето на гласањето и мислам дека сосема безбедно ќе биде дечињата да ја посетуваат наставата, изјави Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС.

Од здравство пак велат дека училиштата имаат протоколи за заштита од ширење на Ковид 19 и истите се должни да ги почитуваат, а проветрувањето и дезинфекцијата не се задолжителни само за време на избори во пандемија туку после секој изборен процес.