Македонија
16. January 2021 - 14:15

Во нашиот Акциски план нема идентитетски белези, бугарскиот одговор ги содржи нивните стари позиции, вели Пендаровски

Акцискиот план, кој ние и го понудивме на Бугарија и на кој тие сега одговараат, нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези – јазикот и нација, туку само предлагаме сет мерки што би требало да ја „олабават“ атмосферата во наредниве месеци, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА.

– Бугарија има предвремени парламентарни избори, веројатно март или април. И во тој предизборен период е многу тешко вие со „ладна“ глава, зборувам пред сè за колегите од Софија, да влезете во расправа за прашања за кои претходно и во период во кој немавме избори пред нас не можевме да се договориме од познати причини. Во овој момент ние разговараме за, да ги наречам, не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем, вели Пендаровски.

Според него, главниот проблем е инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски, на што некогаш не сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина.

– Меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме тоа да го направиме во јануари, февруари, март. Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн., потенцира претседателот на Републиката.

Тој наведува дека според негови сознанија најверојатно следната недела овој документ ќе се најде пред собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика.

Шефот на државата сепак се сомнева дека во следните три месеци, додека не зваршат изборите во Бугарија можеме да се решат спорните прашања, но дека сепак не треба сосема да бидат прекинати контактите.

– Ние ќе мораме повторно да ја воспоставуваме довербата меѓу двете страни, за да можеме да дојдеме во атмосфера во која ќе ги отвориме сите прашања, без предрасуди и ќе кажеме кој што мисли и кој од што не може да отстапи. Сега, во изминатиот период гледате до декември беше практично еднонасочен диктат од бугарска страна – вели или ова и ова ќе го потпишете или нема да имате преговори. И на крај навистина тоа се случи, истакна Пендаовски.

Според него, одговорот на Софија на нашиот предлог Акциски план не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори.

– Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции… Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план, бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме, додава шефот на државата.

Тој смета дека ставовите на Софија не би можеле да се сметаат само како предизборен вокабулар, имајќи предвид дека Декларацијата во бугарскиот Парламент беше усвоена со апсолутно мнозинство, што практично занчи дека немаше ниту една пратеничка група и во опозицијата што не ја поддржа. Оттаму, според него, дури и при евентуѕлна смена на власта во Софија, не би можеле да очекуваме промена во бугарските ставови, бидејќи тие се апсолутно потврдени и поддржани од сите релевантни политички сили како бугарска црвена линија.

Тој сепак очекува поактивна улога од Брисел, бидејќи како што вели прашањето за интеграција на Западниот Балкан е стратегиско прашање за ЕУ, а не е само прашање на луѓето што живеат во државите од регионот.

– Значи, малку поголеми се влоговите во таа игра и како што беше слично и со нашето влегување во НАТО, ние сакавме пред сè заради наша безбедност да влеземе во тој сојуз, меѓутоа знаете дека најголемите играчи во Западната алијанса имаа и свои калкулации, инаку не би нè примиле таму… Од тој аспект, јас не зборувам повторно за притисок, зборувам за најавите дека оваа надоаѓачка американска администрација можеби ќе биде поприсутна на Западниот Балкан, бидејќи е јасно како бел ден дека работите на Балканот не се завршени. Тоа е една фраза што ја употребуваме со години, меѓутоа постојат неколку отворени прашања – меѓународниот статус на Косово, нефункционалноста на Босна и Херцеговина, односно Дејтонскиот договор, вели Пендаровски.

Оттаму, според него, ако дозволиме сегашната состојба меѓу Софија и Скопје да остане статус кво, прашањето на Македонија и нејзината интеграција во ЕУ може, исто така, да стана едно прашање отворено, кое влегува во поширокиот геополитички контекст на Западниот Балкан.

– Не би смеело да се отпише само како чисто билатерално прашање на две соседни држави, кои не може да најдат разбирачка за не знам кое прашање од 19 век. Тоа има пошироки импликации. Јас се надевам дека оваа нова администрација од 20 јануари на Џо Бајден ќе ги препознае тие компоненти на целиот комплекс прашања, затоа што и во нејзиниот тим за надворешна политика и за национална безбедност има многу луѓе што имаат искуство од деведесеттите години од Балканот и луѓе што се експерти за регионот, така што многу добро знаат дека Западниот Балкан не е таму некоја периферија, која нема никакви импликации врз пошироката континентална безбедност, додава Пендаровски.

Кога станува збор за заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања претсдателот Пендаровски смета дека таа излегла надвор од својот мандат во обидите, иницирани од другата страна, да се одредува етничка припадност на луѓе што починале пред 150 години.

– Не е тоа задача на Комисијата, ниту била, ниту ќе биде, ниту според духот и словото на Договорот. Комисијата треба да утврди кои јунаци и кои историски епохи или историски настани се битни и за вас и за нас за заеднички да ги чествуваме. Се разбира, не секои. Ако е битно за тебе, ако е битно за мене, можеме заеднички да положиме венец на споменикот на тој човек, не да одредуваме етничка припадност нечија – моја, ваша. Тоа исклучиво било и денеска и ќе остане основно човеково право. Се идентификуваш како Македонец, тоа е како денеска, така и пред сто и кусур години. Значи, не можете вие наново да ја напишете историјата. Тоа е проблемот во кој западна Комисијата, практично дојде до стопирање на нејзината работа, бидејќи бугарските историчари инсистираа дека ние мора да кажеме, замислете на пример, дека цар Самуил дали бил етнички Бугарин во време кое е барем едно седум века минимум пред воопшто да се формираат модерните нации, додава Пендаровски.