Македонија
28. August 2017 - 16:02

Во националниот парк „Маврово“ активни три пожари

Три шумски пожари се активни во националниот парк „Маврово“.

Според информации од дежурните служби во паркот, на корабскиот масив пожари има во близина на караулата „Победа“ и месноста Стрезимир. Најголем и со фронт на ширење од над седум километри е пожарот во реонот на Аџина Река на Шар Планина. Во овој пожар досега се изгорени околу 300 хектари високо планински пасишта и стебла на смрека, ела и молика.

Во гаснење на пожарите ангажирани се речиси сите вработени во паркот, а ветрот го отежнува локализирањето. Дежурната служба во НП Маврово попладнево упатила екипи кон реонот на Аџина Река, каде треба да се изврши проценка на изгорените површини и преземање натамошни мерки.

Вчера, на територијата на паркот беа регистрирани два шумски пожари, во близина на селото Скудриње и Рибница. Овие пожари беа ставени под контрола и локализирани.