Македонија
10. July 2015 - 13:45

Во Мрзенци пуштена во употреба нова канализациска мрежа

Во приградската гевгелиска населба Мрзенци, денеска беше завршено примопредавањето на новоизградената фекална канализациска мрежа со која се обезбеди покриеност на целата населба.

- Новата канализациска мрежа во Мрзенци ја изградивме во рамки на програмата на Министерството за транспорт и врски за подобрување на комуналната инфраструктура во земјата. Мрежата е долга 4,7 километри и нејзината изградба чини 247.000 евра, рече градоначалникот Иван Франгов.

Тој информира дека на следната седница на Советот на општина Гевгелија ќе се донесе одлука со канализациската мрежа во Мрзенци да стопанисува јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и ги повика домаќинствата од населбата што побрзо да се приклучат во мрежата затоа што во Мрзенци е предвидена реконструкција на неколку улици.