Свет
8. March 2021 - 10:58

Во Минеаполис почнува судењето на поранешниот полицаец обвинет за смртта на Џорџ Флојд

Речиси една година по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, денеска во неговиот роден град Минеаполис почнува судењето на еден од поранешните полицајци, вклучен во неговото брутално апсење, јави ДПА.

Обвинетиот поранешен полицаец Дерек Шовин, се соочува со обвиненија, вклучувајќи и за убиство од втор степен, што според законите во сојзуната држава Минесота е казниво со затвор до 40 години.

Судскиот процес што се одржува во главниот град на државата, Минеаполис, треба да почне со изборот на порота. Главната расправа во предметот планирано е да почне на 29 март.

Смртта на Флојд, невооружениот Афроамериканец, минатата година предизвика масовни протести против полициското насилство и расизмот низ цела САД, а многу луѓе демонстрираа и во други земји од светот, пренесе ДПА.

Флојд (46) почина на 25 мај 2020 година, откако беше уапсен под сомнение дека платил смета со лажни 20 долари.

Полициските службеници при апсењето го тунале на земја на плочникот пред неговиот автомобил, а Шовин цели осум минути го држел коленото врз вратот на Флојд, додека овој молел да го ослободи бидејќи не може да дише, се гледа на снимка од апсењето.

Според обдукцијата, Флојд изгубил свест и веднаш починал.

Уште тројца поранешни полицајци, освен Шовин, кои беа вклучени во операцијата на апсење, се соочуваат со обвиненија за помагање и убиство од втор степен. За нив е закажано одделно судење, кое ќе почне на 23 август.