Македонија
13. March 2019 - 14:17

Во Македонска Каменица опожарени над 100 хектари површина во 12 пожари на отворено

На територијата на општина Македонска Каменица, во 2019 година имало вкупно 12 пожари на отворен простор. Овој показател беше доволна причина за свикување вонреден состанок на Локалниот кооринативен штаб за управување со кризи во Македонска Каменица на кој беа донесени низа заклучоците, мерките и насоките на делување во случај на продолжување на пожарите.

Како што информираше Малин Трајчевски од Територијалната против-пожарна единица од Македонска Каменица само во последниот пожар што беше активен во село Саса, во непосредна близина на Аризанско маало и Османии, беше зафатена површина од 100 хектари, од кои 10 хектари букова шума.
 
-Освен последниот пожар во Саса, од почетокот на годината на територијата на општина Македонска Каменица се регистрирани 12 пожари во кои е опожарена површина од 117 хектари. Токму од таа причина на состанокот беше разговарано за мерките што треба да бидат преземени според насоките и задолженијата од 11-тата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на Република Северна Македонија, одржан на 7 март 2019 година. Сите чинители во системот за справување со пожари на отворено и шумски пожари на територијата на општина Македонска Каменица беа запознати со своите обврски и задолженија, истакна Трајчевски.
 
Додаде дека заклучоците од денешниот вонреден состанок ќе бидат доставени до сите надлежни институции во општина Македонска Каменица и РСМ.

Покрај преземањето превентивни мерки за спречување евентуални пожари, на состанокот на Локалниот координативен штаб за управување со кризи беше утврдена и потребата од казнени мерки и санкции против сторителите-предизвикувачи на пожари, предвидени во законските регулативи на РСМ.

Се донесе заклучок и за подигање на свеста кај населението да не преземаат противзаконски активности, преку зголемување на медиумската кампања во таа насока.