Бизнис
25. October 2015 - 12:09

Во Македонија се регистрира фирма најбрзо во Европа, за само два часа

Регистрацијата на фирма во Централниот регистар на Република Македонија, по уредно поднесена документација сега се врши само за два часа. 

Андреа Поповски в.д. директор на Централен регистра на Република Македонија истакна дека со реформите што ги направи Владата од 2006/2007 година значително се поедностави постапката и се скрати времето за регистрација на фирма во Централниот регистар. Ова, како што рече, се однесува на измените во Законот за трговски друштва, во Законот за едношалтерски систем, за водењето на Трговскиот регистар и за регистарот на други правни лица. 

Поповски истакна дека со реализацијата на проектот „Едношалтерски систем“ втора фаза, Централниот регистар го воспостави системот за е-регистрација. Така целокупниот процес за регистрација од март досега оди електронски преку тој систем.

- Ако на времето беа потребни неколку дена, па и месеци за регистрација на фирма, во моментов во Централниот регистар времето потребно за регистрација на фирма по уредно поднесена документација е само неколку часа. Паралелно на ова следеа и неколку други законски измени, како исфрлување на печатот од задолжителна употреба во правниот промет и воведувањето на категоријата регистрациони агенти, потенцира Поповски. 

Тој појасни дека законскиот максимум од поднесување на документите за регистрација во Централниот регистар до издавање решение за упис е четири часа. Реално, како што рече, тоа е многу помалку и според нашата евиденција, по поднесување на документацијата ние реално целокупната регистрација ја вршиме за два часа.

Почнувајќи од март 2014 година, како што рече, регистрацијата на форма во Централниот регистар оди исклучиво електронски и преку регистрационен агент.

- На почетокот почнавме со сметководителите како овластени подносители кои со закон се стекнаа со јавно овластување за да вршат идентификација на подносителите, односно учесниците во постапката и да вршат конвертирање на документите, од хартиена во електронска форма, рече Поповски. 

Во моментов, со новите законски измени категоријата регистрационен агент е проширена со воведување нова професионална заедница - адвокатите. 

- Централниот регистар во моментов има 450 регистрациони агенти кои се распространети во сите поголеми градови и помали населени места во Република Македонија. Така добиваме можност и од помалите места да се поднесе, односно да се регистрира фирма без да се доаѓа во некоја од канцелариите на Централниот регистар, нагласи Поповски.

Централниот регистар досега има извршено обуки за 650 адвокати, кои со законските измени стапуваат во сила од 1-ви ноември годинава. Има пријавено уште 250 адвокати за кои ќе има обука во наредните месеци. 

Поповски истакна дека пристапиле кон изменување на тарифата на Централниот регистар. Надоместокот кој порано беше потребен за да се уплати за регистрација на фирма, односно за упис за основање на фирма сега е  нула денари. 

Од 2007 до 2015 година во Централниот регистар се реализирани повеќе мерки и активности за подобрување на условите за започнување на бизнис.

Со измените на Законот за едношалтерски систем се воспостави нова категорија на подносител – „регистрационен агент“ со законски дадено овластување за поднесување на пријави преку Системот за е-регистрација, при што фирма може да се регистрира без минимален почетен капитал, а значително е скратено и времето и процедурите за отворање бизнис. Согласно тарифникот на Централниот регистар регистрација на фирма е без надоместок преку онлајн пријавата за регистрација која се спроведува во еден чекор. Првично беше предвидено овластените сметководители да ја вршат функцијата регистрационен агент, а од неодамна оваа категорија се прошири и со адвокатите. Ваквата мерка придонесе за зголемување на достапноста на услугите на Централниот регистар преку територијално проширување на овластените подносители. Досега се издадени над 450 овластувања "регистрационен агент", распределени на целата територија на државата, а нивниот број и понатаму се зголемува.

Целосно е исклучена хартиената регистрација на ДОО, ДООЕЛ и ТП, при што  со електронското отворање на фирма трошоците се сведоа на нула. Со измени на Законот за трговските друштва се исклучи хартиената регистрација на ДОО, ДООЕЛ и ТП во целост и истата се заменува со електронска регистрација преку регистрационите агенти. Со оваа мерка се надмина потребата од нотарска заверка на прилозите потребни за основање, скратување на времето потребно за регистрација и намалување на трошоците бидејќи основањето на фирма преку Системот за е-регистрација изнесува 0,00 денари, односно се врши без надоместок.

Исто така, во периодот од 2007 година наваму беа олеснети условите за започнување бизнис преку: воспоставување на електронска апликација за проверка на уникатноста на името на ново претпријатие; укинувањето на обврската за нотарската заверка на изјави; воведување на електронски регистар за лица против кои е изречена мерка забрана за вршење дејност, овозможување на издавање на печат во просториите на Централен регистар, укинување на задолжителната употреба на печат при работењето на фирмите, електронско поврзување со други институции (АВРМ, ФПИОМ, ФЗО и УЈП).

Централниот регистар континуирано организира обуки за користење на Системот за е-регистрација, со цел обезбедување на соодветна територијална распространетост на регистрационите агенти и навремено постапување по пријавите за упис, активности за обезбедување на соодветна техничка помош и поддршка за користење на Системот за е-регистрација и помош преку телефонска поддршка на регистрационите агенти и на другите корисници на системот.