Македонија
16. July 2018 - 8:45

Во Македонија референдум, во Грција ратификација на Договорот од Преспа

 Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас викендов изрази уверување дека Договорот од Преспа ќе биде поддржан од мнозинството пратеници во грчкиот Парламент, а во Македонија се очекува политичките чинители да се договорат околу одржувањето на референдумот, а со тоа и за новиот состав Државната изборна комисија (ДИК).

Шефот на грчката дипломатија Коѕијас во интервју за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ изрази увереност дека договорот од Преспа ќе добие зелено светло од пратениците во грчкиот Парламент, па дури и од некои пратеници од Независни Грци, на што реагираше портпаролот на „Независни Грци“ дека ставот на Владата официјално го изразува владиниот портпарол, а се останато се лични проценки.

Политичките чинители во Македонија во периодот што следи треба да се усогласат околу новиот состав на ДИК која треба да ги спроведе сите неопходни активности за претстојниот референдум. Нејзиното формирање е условено од опозицијата со донесување на законот за финансирање на политичките партии и законот за влада. На протестниот марш организиран вчера во Кавадарци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати критики до Владата за нејзините политики, барајќи и предвремени парламентарни избори. 

За Владата, пак, со добивањето покана за пристапни преговори за членство во НАТО и очекувањата за ЕУ во јуни 2019 година се остварени стратешките цели на државата. 

Премиерот Зоран Заев на прославата во Битола организирана по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство во НАТО изјави дека се остварени заедничките стратешки цели и ја повика опозицијата да се издигне над поделбите и разликите.