Македонија
24. September 2021 - 21:22

Во Македонија најдолго затворени училиштата за време на пандемијата

Македонските ученици најдолго отсуствувале од училиште, покажува извештај на Светската Банка за Европа и Централна Азија.

Македонија на листата на земји во кои училиштата биле најдоглго целосно или делумно затворени е рангирана на првото место со индекс 54, а зад неа следуваат  Турција, Азербејџан, Словачка, Полска, Казахстан и Бугарија.

Во регионот најниско рангирана е Хрватска со само 10 индексни поени.

Според Светска банка, никој не бил подготвен за кризата во образованието која ја предизвика пандемијата од Ковид-19, а и учениците и наставниците морале да се адаптираат на онлајн настава.

Наставата со физичко присуство ќе зависи од стапката на вакцинација, а Светска банка вели дека потребен е план за закрепнување на пост-ковид учењето и тоа треба да вклучува три фази.

-Прво, справување со затворање на училиштата со проширување на пристапот до дигитално учење, особено за малцинствата и учениците во сиромаштирја. Второ, обезбедување континуитет на образованието со безбедно отворање на училиштата што е можно поскоро како што е изводливо и трето, подобрување и забрзување на учењето во изградба на поефикасен и еластичен образовен систем, се вели во извештајот.

Меѓутоа, како што се вели во извештајот, ниту една од овие работи нема да се случи ако училиштата не се отворат и не останат отворени што, пак, зависи од тоа дали стапките на вакцинација ќе продолжат да се зголемуваат.

-Стапките на вакцинација на наставниците се забавија во многу земји, главно поради колебливоста против вакцините. Дебатите продолжуваат околу изборот помеѓу задолжителна вакцинација за наставниците како основен персонал, обезбедување чести тестирања или барање од наставниците да обезбедат доказ за имунитет, се вели во извештајот.

Според најавите од македонските власти, моделот на настава би се променил доколку 10 отсто од учениците се заразени со Ковид, што во апсолутни бројки значи некаде околу 24.000 деца.