Македонија
19. August 2018 - 16:59

Во Македонија малку се работи на социјално претприемништво

Социјалното претприемништво е состојба на свеста и една од најголемите потреби за секоја држава која себеси се декларира за социјална. Тоа е најдобрата алатка преку која државата ќе ги помага маргинализираните и стигматизираните лица. За жал кај нас тоа не е доволно развиено, а единствено здружение на Истокот и Југо-истокот кое работи со оваа категорија граѓани е „Покров“ од Струмица, за производство на органска храна.

- Органско производство кај нас е дел од работно –окупациските терапии кои се случуваат во терапевтската заедница „Покров“ која е единствена таква програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на луѓето кои што имаат проблеми со злоупотреба на одредени супстанции, алкохол и коцка- изјави СОКРАТ МАНЧЕВ, ГРАЃАНСКО ЗДРУЖЕНИЕ „ПОКРОВ“ - СТРУМИЦА

Органските производи ги пласираат во продавници за здрава храна, супермаркети и ресторани. Самиот процес на производство го менаџираат професионалци, а во моментот во „Покров“ работат и престојуваат 15 лица.

- Сега сме во фаза на склучување на договор со Министерствто за труд и социјална политика и за прв пат Министерството ќе преземе одговорност да го финансира престојот, односно, процесот на рехабилитација и ресоцијализација на 32 лица кои се од социјално загрозени категории-додаде Манчев

Паралелно се работи и на искористување на овој концепт од страна на младите луѓе кои не се вклучени во процесот на образование, работа и обуки.

- Будно ги следиме стратегиите за млади во ЕУ каде социјалното претприемништво го користат како алатка за вработување на младите кои не можат да се вработат сами-изјави ВИКТОРИЈА КУКУШЕВ, СОВЕТ НА МЛАДИ-ШТИП

Конкретно во Штип постојат услови за отворање на мали социјални претпријатија во текстилната индустрија.

- Идејата за социјални претпријатија нема крај. Значи се што може да се произведе од текстил може да се стави во производство во социјалното претпријатие-изјави ДЕНИС АМПЕВ, „ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“-ШТИП

Засега нема Закон за социјално претприемништво, но постојат добри иницијативи, врз чија основа може да се изгради солидна стратегија и законска регулатива