Македонија
17. јуни 2018 - 19:31

Во Македонија има две од петте епископски бањи во православниот свет

Во целиот православен свет постојат само пет бањи кои во минатото биле изградени  во склоп на еден манастир или  се во непосредна близина на црква,  но ретко кој освен стручната јавност  знае дека дури две од нив се наоѓаат токму во Македонија. Таканаречените епископски бањи  кои   се датирани   помеѓу 10  и 12 век се наоѓаат во склоп на комплексот Водочки цркви кај Струмица. Станува збор за многу ретки градби кои се граделе само при големите духовни центри каков што  бил манастирот во Водоча низ историјата.

- Тие се многу ретки од тој тип на бањи. Бањи во тој период имаме многу, насекаде,  но ретки ги прави тоа што се наоѓаат во склоп на еден манастир, во близина на една црква. Тоа е реткост да се сретне. Такви ги има некаде пет во цел свет, православен свет нели. Две имаме овде,  потоа во Бугарија, Грција и во Турција, вели Отец Григориј

И овие како и другите бањи кои се граделе во тој период биле наменети за сите луѓе, но нив археолозите ги нарекуваат епископски само поради тоа што се изградени во непосредна близина на епископските цркви каква што била таа во Водоча.

-  Само заради комплексот и само заради црквата бидејќи е наречена епископска црква се наречени тие бање епископски бањи. Најнормално како и сите други бањи служеле за луѓето, не за монасите или епископите како што некој тоа сака да го потенцира или како некое недоразбирање  кое доаѓа. Интересно е тоа што сите простории биле загревани на систем подно греење, додава Отец Григориј.

Комплексот  Водочки  цркви е датиран  од 6  до 14 век. Меѓу нив наголема е  црквата  од 11  век посветена на Свети Леонтиј.  Конзерваторско реставраторските работи на оваа црквата се реализирани од 1975 до 1982 година, а бањите се откриени  после овие активнсти , со археолошките истражувања во 1990 година.