Македонија
9. September 2021 - 16:43

Во Македонија има 19 модуларни болници во кои се лекуваат 294 пациенти

Ќе предизвика ли тетовската трагедија сомнеж кај граѓаните за хоспитализација во модуларните болници низ државата? Во моментот 294 болни со Ковид-19 има во ваквите објекти во Струмица, Кичево, Штип, Велес, Охрид и во уште 7 градови. Дел од директорите на здравствените установи со кои разговаравме тврдат дека немаат најави за напуштање на модуларните од страна на пациенти. Лекари, пак, велат мора брза истрага за да се врати довербата на населението бидејќи не смее здрвствениот систем да остане без капацитети за прием на тешко болни.

- Расчистувањето на причините за оваа трагедија ќе оди во насока на тоа да се тргне скепсата, неверувањето дека може да се добие квалитетна здравствена заштита во овие објекти. Не би сакал во ова време на пандемијата кога имаме настани кои дополнително можат да го зголемат бројот на приеми, да останеме без витални ресурси и поради страв кај граѓаните да не бида тискористени, вели др. Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на труд.

Низ модуларните болници во овие четири брана на Ковид-19 поминале многу пациенти, но лекари кои работат на инфективните одделенија реагираат дека овие објекти биле без стандарди. Прашуваат кој дозволил нивно пуштање и каде се задолжителните обуки за брза евакуација на пациентите и вработените во здравството. Други здравствени работници, пак, на социјалните мрежи реагираат дека нема да дозволат нивните стари амбуланти да бидат заменети со монтажни објекти согласно планот на МЗ додека не заврши истрагата во Тетово и не добијат гаранции за нивна и безбедност на пациентите. Филипче проектот за реновирање го најави во интерес на пациентите кои за неколку месеци ќе имаат каде да добијат здравствена услуга.

- 10 објекти за помалку од 7 или осум месеци. Неможе граѓаните повеќе да чекаат, градбите цврсти траат долго и се многу поскапи а овие се енергетски ефикасни. Сега имаме и искуство со монтажните болници и има промени и во кровот, во панелите, изјави Венко Филипче министер за здравство.

Носител на проектот за модуларните болници кој чини над 3,5 милиони евра е Министерството за труд и социјална политика кое и ги склучило договорите на 27 ноември минатата година со фирмите изведувачи – Брако од Велес и Ари и Том од Валандово. Парите се обезбедени преку заем од Светска банка.