Македонија
28. July 2018 - 8:18

Во Македонија евидентирани уште 250 лица без државјанство

Лицата кои не се регистрирани или пак ги немаат регистрирано нивните деца во матичните книги на родените тоа можат да го направат до 30 септември годинава во подрачните единици на Управата за водење на матичните книги со поднесување барање за дополнително запишување. 

Ова го овозможува шестмесечниот јавен повик за прибирање податоци за лица - нерегистрирани во матичната книга, инициран од Управата за водење на матичните книги и Министерството за труд и социјална политика, што беше објавен во април годинава.

Се работи за лица родени во домашни услови, но и лица кои се родени во здравствени установи, меѓутоа нивните родители не ја извршиле должноста да го пријават името на детето во матичната служба.

Досега оваа можност за запишување во матичната евиденција, како што информираат од Управата за водење на матичните книги, ја искористиле 250 лица.

упис

- За пријавување се пополнува прашалник од страна на нашиот матичар според усни изјави или согласно еден документ за идентификација што го поседуваат. Упатно е да имаат и да покажат за децата, картони за вакцинација, сведетелства, копии од некои потврди и било кои документи што може да помогнат во нивна идентификација. Врз основа на ова лицата ќе се евидентираат и потоа ќе се спроведува управна постапка за нивно запишување во матичната евиденција, велат од Управата.

Доколку некои од лицата кои ќе се пријават на шалтерите на Управата за водење на матичните книги не поседуваат никаков документ со кој треба да се докаже раѓањето на нивното дете, за истото службеникот ќе пополни прашалник и ќе ги упати лицата кои документи дополнително треба да ги достават во Управата за да почне да се води управната постапка.

извод од матична книга

Една од заложбите на Владата, како што беше истакнато на објавувањето на повикот, е инклузијата на сите граѓани кои живеат во Република Македонија, меѓутоа не ги уживаат правата кои им следуваат заради тоа што нивното раѓање не е регистрирано во матичната книга на родените и не можат да добијат прв извод од матична книга на родените. 

Во процесот на идентификувањето на лицата без документација инициран од Министерството за труд и социјална политика и Управата за водење на матичните книги ангажирани се МВР, невладиниот сектор, а го помагаат и ОБСЕ и УНХЦР.

Според професорот Борче Давитковски, кој е автор на „Анализата на пАпартиди 1равната рамка поврзана со матичната и граѓанската регистрација во однос на спречување на бездржавјанството” за решавање на овој проблем се потребни законски измени, попис на сите лица кои се без државјанство, но и во ризик од бездржавјанство, посебна постапка за утврдување статус на бездржавјаноство, како и обуки за подигнување на свеста кај населението што е во ризик од бездржавјанство.

- Овие лица треба да добијат правен статус на граѓани. Тие сега се аморфна маса, кои не постојат, безимени се. Немаат лични документи. Има лица кои имаат идентитет, но, немаат државјанство, но и лица кои немаат ниту идентитет, ниту државјанство. Треба да се направат напори овие лица да станат граѓани и да можат да ги користат сите права, рече Давитковски на презентацијата на анализата.

Претставникот на УНХЦР во Македонија Дејан Кладарин смета дека проблемот со апатридите е решлив и оти за тоа е потребен системски пристап, законски измени, како и олеснување на административните процедури кои ќе овозжожат во блиска иднина да се реши проблемот.

Напоредно со тоа, додаде Кладарин, треба да се работи и на терен во соработка со невладиниот сектор за тие лица да се идентификуваат и да им се помогне да го решат својот статус.

Апартиди 2

Претставникот на ОБСЕ во Македонија, Џеф Голдстајн истакна дека ова е повеќегенерациски проблем, бидејќи, како што рече, лицето кое нема документи не може да ги запише, ниту своето дете иако е родено во земјата. Особено важна, како што додаде тој, е работата на терен.

Според Јована Тренчевска, државен секретар во МТСП поседувањето на лични докумети е клучно за да може едно лице да ги оствари своите права, во постапки пред надлежни инстутуции, центри за социјални работи, здравствените институции, агенциите за вработување, образовни институции, но и за да ги остварат основните човекови права.

Тренчевска информира дека досега се идентификувани околу 600 лица за кои се вршела проверка во базата за матичен број на граѓанинот, како и матичните книги на родените. Притоа, било утврдено дека дел од нив веќе се евидентирани во матичните книги, но немаат изводи, некои се родени во болница, но не им е определено лично име, а дел во домашни услови, но никогаш не било пријавено нивното раѓање.

Даниела Маркоска Алексовска/МИА