Македонија
21. October 2016 - 13:54

Во Кумановско пошумени приближно 200 хектари со зимзелени и листопадни садници

Екипите на кумановската подружница на ЈП „Македонски Шуми“, интензивно два пати неделно ги пошумуваат  површините со различни зимзелени и листопадни садници на подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
 
Од 1. октомври годинава досега, соопшти на денешната прес-конференција ракводителот на подрачната единица, Ваит Саити пошумени се приближно двесте хектари, а до крајот на годината се очекува да се пошумат околу 300 хектари.
 
- Садниците ги бираат нашите стручни инжинери, чемпрес, бор, согласно висината која се пошумува. На овој начин се обновува нашето богатство-шумите, изјави Саити.
 
Од 2010 досега,соопшти Саити  пошумена е површина од околу 2.500 хектари во трите општини
 
Саити соопшти дека непречено се одвива и испорака на огревно дрво за физичките лица. Информира дека досега испорачани се 80 проценти од предвидената количина на огревно дрво на субјектите со кои подружницата има склучено договор.
 
- Останаа уште триста метри просторни кои ќе се испорачаат наредните денови,што зависи од временските услови, изјави раководителот Саити, кој истакна дека за трите општини годишно се испорачуваат над 50.000 кубни метри дрва.
 
Тој потенцира дека подружницата е подготвена да обезбеди огревни дрва и за училиштата во трите општини.
 
Одговарајќи на новинарско прашање, Саити нагласи дека годинава, кражбите на дрва во трите општини намалени се за 60 до 70 проценти во однос на претходните години, како што рече, благодарение на координираната активност на МВР, шумочуварите и сите служби кои меѓусебе соработуваат за заштита на шумското богатство.