Македонија
7. September 2021 - 19:17

Во кумановската болница хоспитализирани 80 пациенти, 50-тина се лекуваат од Ковид 19 во дневна болница

Во кумановската општа болница од Ковид 19, хоспитализирани се 80 пациенти од кои 66 се на кислородна поддршка, а во амбулантата се лекуваат 50-тина пациенти, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа.
 

– Бројките се менуваат од час во час, имаме испишувања, нови пациенти. Во модуларната болница има 56 пациенти-изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

Во Куманово, ковид-пациентите се лекуваат на инфективното одделение и во модуларната болница. Здравствената установа доби донација, рендген апарат кој ќе биде сместен во просториите на стариот рендген во непосредна близина на инфективниот оддел и до модуларната болница.

– Благодарност до Министерството за здравство и Светска Банка за апаратот, кој засега ќе го користат пациентите заболени од ковид, а по завршување на пандемијата ќе се користи и во останатите одделенија. Ние имаме еден рендген апарат кој е сместен во ургентниот центар и се користи за итни случаи, за пациенти од сите останатите одделенија. Овој апарат ќе ни ја олесни работа, изјави Захариева.