Македонија
29. May 2016 - 13:50

Во Куманово се одржуваат 21. регионални спортски игри

На 21. регионални спортски игри кои се одржуваат денеска на терените на спортскиот комплекс на средното училиште „Наце Буѓони“ учествуваат 180 пензионери од општините Куманово, Старо Нагоричане, Злетово, Пробиштип, Крива Паланка и Кратово.

Пензионерите се натпреваруваат во 18 спортски дисциплини во машка и женска конкуренција. Натпреварот се одржува под покровителство на Сојузот на здруженијата на пензионерите.

- Регионалните натпревари ги отвараме и по повод 70-годишната од постоење на Сојузот на пензионерите и јубилеј 70 години од формирањето на кумановското здружение кое постигнува врвни резултати. Особено задоволство ни е што веќе четврта година сме домаќини на регионални натпревари, изјави претседателот на Здружението на пензионери од Куманово, Спиридон Николовски.

На отварањето на манифестацијата присуствуваа и градоначалниците на Куманово и Старо Нагоричане Зоран Дамјановски и Милован Стојковски кои им посакаа успех во натпреварите и остварување добри спортски резултати, но пред се дружење и рекреација.

- Денеска имаме убав настан на кој учествува најбројното здружение во општината кое постојано освојува забележителни резултати. Токму ваквите манифестации ги реинтегрираат овие лица во општествените текови, рече градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски.

Потпретседателот на извршниот одбор на Созјузот на здружението на пензионери, Салтир Каровски истакна дека спортските натпревари се дел од квалитетното живеење на луѓето од третото доба.

Најдобрите екипи и поединци од регионалниот натпревар ќе учествуваат на државните пензионерски игри кои годинава ќе се одржат во Радовиш.

Инаку, во кумановското здружение членуваат 13.600 пензионери од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.