Македонија
25. September 2019 - 15:03

Во Куманово поднесени околу 700 барања за остварување на правото на социјална пензија

Околу 700 барања поднеле кумановци за остварување на правото на социјална пензија од мај годинава, кога беше донесен Законот за социјална заштита, соопштија денеска надлежните од Mеѓуопштинскиот центар за социјални работи.

Во јавноста постои интерес за ова ново право, информираат од Центарот и додаваат дека со новиот закон се обезбедува полесен пристап до остварувањето на социјалната заштита.
 
Лицата кои сакаат да користат социјална пензија не треба да имаат приходи по ниту еден друг основ, да имаат над 65 години, да не користат воена или цивилна инвалиднина и да немаат склучено договор за закуп на државно земјоделско земјиште.
 
- Како компарација во стариот закон, лицата над 65 години беа корисници на постојана парична помош, но беа оптеретени со доказна документација, согласно законот за семејство, со лицата кои се должни да ги издржуваат, односно нивните деца. Сега, новиот закон предвидува и ги таргетира само старите лица, над 65 годишна возраст кои се материјално необезбедени, немаат приходи по ниту еден друг основ, појаснува раководителката на центарот, Алескандра Арсовска.
 
Центарот ги обезбедува податоците по службена должност, а заинтересираните треба да достават само потврдата од подрачното Министерство за земјоделство дека немаат државно земјиште под закуп, а оние кои се разведени или вдовци треба да поднесат соодветни документи.
 
- Како пример можам да посочам, на пример  двајца сопружници кои се во брак и двајцата не користат ниту едно друго право, немаат пензија, воена, инвалиднина, немаат други приходи, едниот од нив ќе го оствари правото на социјална пензија која на месечно ниво изнесува 6.000 денари и ќе добијат додаток за енергенси 1.000 денари на месечно ниво од октомври до мај, изјави Арсовска.
 
Таа ги информираше лицата кои претходно биле опфатени со стариот закон како корисници на постојана парична помош дека поради измените во правилникот донесен минатата недела ќе треба да поднесат ново барање, согласно новиот правилник за да биде подготвено решение за остварување на право на социјална пензија. 
 
Законот за социјална заштита беше донесен во мај годинава.