Македонија
27. January 2017 - 11:36

Во Куманово доставени 3.700 барања за социјална помош

До денеска, кога истекува рокот за обнова на документацијата за остварување права од областа на социјална заштита до Центарот за социјални работи Куманово, барање доставиле 3.700 лица, од вкупно 4,055 корисници од подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, информираат денеска надлежните од Центарот.

Раководителот на одделение за парчни примања од Центарот за социјални работи Марина Младеновска, изјави дека обновата на документите тече без застој.

- Корисниците доаѓаат со лична карта и даваат изјава за согласност за користење на податоци потребни за оставрување на постапката кои се прибавуваат по службена должност. До крајот на денот, можат да дојдат сите кои сакаат да го оставарат ова право, изјави Младеновска.

Таа објасни дека од понеделник ќе започне процесот на преиспитување на секое поединечно барање, по што корисниците ќе бидат известени со решение.

Постапката за обнова на документите започна на 19 декември минатата година. Во овој период се обновува и документацијата за детски права, посебен додаток за дете, детски додаток, родителски додаток за трето и четврто дете. Обновата се очекува да заврши до крајот на март годинава.