Македонија
2. August 2016 - 12:05

Во Крушево свечености за 113 годишнината од Илинденското востание

Свеченостите по повод 113 годишнината од Илинденското востание во Крушево почнаа изутрината со положување свежи цвеќиња на гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот на Гумење и оддавање почит и на загинатите востаници во битката кај месноста Слива.

Пред загинатите илинденци се поклонија бројни делегации: делегација на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Емил Димитриев, делегација од кабинетот на претседателот предводена од Флора Јатифи, од Собранието на Република Македонија предводена од потпретседателот Рената Десковска, од Генералштабот предводена од генерал мајор Димче Петровски, од Министерството за одбрана предводена од секретарот Елизабета Чуповска Ристова.

Пред загинатите илинденци се поклонија и делегации на: манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ предводена од потпретседателот Манојил Јаковлевски, на градот Крушево од градоначалникот Ѓорѓи Дамчевски, делегација на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ предводена од претседателот на партијата Зоран Заев и бројни други делегации.

Во црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево се служеше панихида во чест на илинденците со која чиноначалствуваше владиката Петар.

Делегациите се упатија на Мечкин Камен каде напладне е централниот народен собир на кој ќе говори премиерот Емил Димитриев.