Македонија
29. April 2019 - 18:39

Во Крива Паланка се одржа манифестацијата “Велигденска традиција 2019”

Празнична и разиграна атмосфера владееше денеска во Крива Паланка, пред платото на локалната установа Градски музеј, каде се одржа традиционалната манифестација насловена “Велигденска традиција 2019” во организација на локалната самоуправа на општината и Градскиот музеј.

Неколку стотици граѓани, деца и туристи присуствуваа на настанот кој покрај ревијално учество на гости – учесници има и натпреварувачки карактер.

– Велигденските празници се време кога семејството се сплотува и радува, а ние како локални институции чувари на традиционалните вредности и обичаи, на суштествувањето на граѓаните на ова тло, организирајќи ја оваа манифестација ги собираме на едно место дечињата, нивните родители, најблиските во име на велигденските традиции. Организиравме, како и секоја година, натпревар за најубаво декорирано велигденско јајце што е мотив дечињата да бидат креативни, заедно со нивните родители или баби и дедовци, во екот на празнувањето. Годинава имаше триесетина украсени велигденски јајца, а најубавите три добија награди. Исто така, се одржа и натпреварот во најцврсто велигденско јајце, за кој имаше пријавено 47 учесника, а награда доби победникот, изјави Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

Тој додаде дека значаен придонес во организација и украсување на сценографијата за настанот дале дечињата од градинката Детелинка и основните училишта “Илинден” и “Јоаким Крчовски”, а за музичката изведба биле задолжени средношколците од СОУ “Ѓорче Петров”.