Македонија
19. August 2019 - 12:26

Во Крива Паланка почна „Опен фан фудбал 2019“

На градскиот стадион во Општина Крива Паланка од денеска до 23 август околу двесте дечиња на возраст од шест до 11 години ќе се дружат и забавуваат во рамки на годинашното издание на отворените фудбалски игри „Опен фан фудбал“.

Манифестацијата се одржува деценија и пол, а покрај организаторите „Опен фан фудбал Македонија“ и локалните координатори, школата е поддржана и од локалната самоуправа на општината.
 
Концептот на отворени забавни фудбалски школи е идеален начин дечињата од најрана возраст да го засакаат спортот,  не само фудбалот, туку и да научат низ игра и забава да се дружат и да настапуваат тимски, водени од идејата за еднаквост и фер игра, што во животот ќе им овозможи правилен начин на дејствување.
 
За реализацијата на „Опен фан фудбал“ во Крива Паланка се задолжени 12 тренери и исто толку асистенти, што ќе ги водат дечињата низ петдневните неколкучасовни активности.
 
Школата ќе трае до петок, кога на официјалната завршна церемонија ќе бидат доделени дипломи за учество.