Македонија
31. March 2016 - 9:14

Во Крива Паланка изложба „Циклуси“ на Крунислав Стојановски

Циклусот „Рељефи“ дел од изложбата „Циклуси“, ретроспектива на 20 години дејност на академскиот сликар Крунислав Стојановски од синоќа е поставен во градската уметничка галерија на Крива Паланка.
 
Изложбата се реализира во рамки на проектот „Кич, да?! Сте или не?“ на Министерството за култура на РМ и Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.
 
Крунислав Стојановски своето творештво го има претставено преку повеќе од 40 самостојни изложби ширум Европа, а Кривопаланчани имаат ретка можност да уживаат во неговите дела.
 
- Со овој прекрасен проект на Министерството за култура и Дирекцијата имав можност да добијам и каталог од моите 400 слики кои ги донесов од Загреб, поделени во осум циклуси, а ја претставуваат мојата работа во изминатите 20 лета. Делата се создавани во различни периоди од мојот живот, шест од нив за време на студирањето, други како циклусот „Лица“ за време на војната во Босна, останатите се инспирирани од Мазев и Мунк. Има циклуси во кои сум критички настроен кон глобализацијата, имам антивоени слики. Овој циклус „Рељефи“ е стремеж сликарот да ја освои третата димензија и да излезе од класичната форма на сликање, но главно, моите слики се радосни, моја лична игра, изјави авторот Стојановски.
 
Додаде дека проектот му овозможил повторно да ја запознае неговата мала и мила Македонија, која, како што рече, се отсликува во многу негови дела.
 
- По четириесеттата година кај човекот преовладува носталгијата, која се пројави преку експресија на моите слики, особено црвените за кои многумина во Загреб велеа дека ги асоцира на Македонија. Ова претставува пресек на моето творештво, да видам до каде сум и каде продолжувам, зашто сум еден од авторите кој не стои во место, работам и амбиентални инсталации, видео-концептуала, но не го напуштам ни ова класично сликарство, рече Стојановски.
 
Ната Кецкаровска од Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје рече дека проектот трае девет години и има цел веќе реализираните изложби во главниот град да се дисперзираат во другите градови во Македонија.
 
- На почетокот гостуваваме во градови со поголеми галериски простори, потоа продолживме во околу 15-тина галерии низ државата со 4-5 изложби веќе реализирани во Скопје. Изненадена сум од концепцијата и уреденоста на изложбениот простор во Крива Паланка, кој е еден од ретко убавите, рече Кецкаровска.
 
Директорот на локалната установа Градски музеј, Крива Паланка, Драган Величковски изрази задоволство што оваа изложба иако вонредно вметната во програмата е настан кој претставува збогатување на културната програма за паланечката публика.
 
Кецкаровска информира дека еден дел од „Циклуси“ е изложен во Кавадарци, а ова е втор дел од изложбата претставен пред Кривопаланчани. Следува претставување на Стојановски пред публиката во Куманово, Велес и Прилеп. Во претстојниот период во рамки на проектот најави изложби на дел од колекцијата „портрети“ на Националната галерија на Македонија и изложба на Васе Куневски, која допрва ќе се реализира во главниот град.