Македонија
28. November 2021 - 14:34

Во ковид-центарот во Дебар хоспитализиран пациент по речиси два месеца

Во ковид-центарот при Општата болница со проширена дејност во Дебар, по точно 50 дена, хоспитализиран е пациент заразен со Ковид-19, потврди Баки Алили, директор на болницата.

– Станува збор за единствениот активен случај во нашето подрачје. Пациентот е од Дебар и е со полесна форма на болеста. Последниот ковид пациент го испишавме на осми минатиот месец. Во овој месец имаме само два нови случаи, од нив едниот е веќе во списокот на оздравени, вели Алили.

Во центарот, според него, продолжува 24-часовното присуство на лекар и две медицински сестри, кое не било прекинато и во периодот кога немало хоспитализирани.

– Во меѓувреме во вакциналниот пунк, кој функционира во модуларната болница, во кругот на нашата болница, непречено се одвива имунизацијата против Ковид-19. Се забележува зголемен интерес за трета доза, која досега ја примиле околу 300 лица од општините Дебар и Центар Жупа, кои со здравствена заштита ги покрива нашата болница, посочува тој.

Додава дека во пунктот се аплицираат вакцини „Фајзер“ од кои имат доволни количини и затоа апелира до сите на кои им се дава ваква можност да ја искористат, бидејќи, како што вели, „само на тој начин ќе го заштитиме нашето и здравјето на другите“.