Балкан
4. August 2015 - 17:57

Во Косово ќе се формира Меѓународен суд за злосторствата на ОВК

Косовскиот Парламент синоќа ги усвои уставните измени со кои се овозможува формирање на меѓународен суд за злосторствата на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

САД и Европската унија кои имаа главна улога во процесот на убедување на косовските лидери да го прифатат формирањето на Судот, ја поздравија одлуката на Парламентот.

Формирањето на судот наиде на жесток отпор кај ветераните на ОВК, неколку пратеници на Демократската партија на Косово на Хашим Тачи, како и кај опзоцијата. Ветераните на ОВК се заканија дека „секој кој ќе гласа за Судот ќе го сметаат за предавник“.

Предлог-законот за правна и финансиска помош за потенцијалните обвинети од Специјалниот суд не беше поддржан од пратениците на Српската листа со образложени дека тоа не е праведно кон жртвите.

Судот ќе процесира злосторства на припадниците на ОВК врз основа на истрагата која го водеше специјален тим на истражителот Клинт Вилијамсон, како и според извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа Дик Марти.