Македонија
21. October 2018 - 13:55

Во Кочани се одржа трка во планнарско трчање Gratche trail Run 2018

 Речиси 200 натпреварувачи од повеќе градови во Македонија учествуваа на натпреварот во планинско трчање Graтche Trail Run што втор пат се одржа во околината на акумулацијата Гратче кај Кочани.

Одличните временски услови и добро подготвената патека во должина од 13 километри, со висинска разлика од над 660 метри, им овозможија на скоро сите учесници без потешкотии да ја завршат трката.

Организаторите на натпреварот, спортското здружение МТБ Исток од Кочани и Здружението за планинско трчање, алпинизам, експедиции и други адреналински активности во планина – ТРЕКС од Скопје рекоа дека се позитивно изненадени од интересот за учество на натпреварот, со што е постигната главната цел за поголема промоција на овој вид спорт во државата.

– Минатата година имавме околу 90 учесници, а годинава се пријавија близу 230, што доволно говори за големиот интерес за планинско трчање, кое освен јакнењето на спортскиот дух овозможува да се помине прекрасен ден во рекреација во природа. Во исто време, задоволни сме што успеваме во намерата да ги промовираме природните предности на околината на браната Гратче кај Кочани, која е одлична локација за рекреативни и адреналински спортови, истакна Панче Зафиров, претседател на спортското здружение МТБ Исток.

На трката учествуваа натпреварувачи од различни возрасни категории, при што најмладиот беше на 9, највозрасниот на 70 години, а за најдобрите имаше награди и признанија.

Организаторите најавија дека трката Graтche Trail Run ќе стане традиционална, а се планира од наредната година да добие и меѓународен карактер.