Македонија
23. February 2020 - 20:08

Во Кочани протест против загадувањето на воздухот од фабриката за хартија ,,Пејпар мил‘‘

Масовен протест на кочанчани пред фабриката за хартија „Пејпер мил“. Револтирани се велат, зашто и покрај сите укажувања и инспекциски контроли, од фабричкиот оџак излегува црн дим и отровни материи кои веќе предизвикуваат и здравствени проблеми, посебно кај помладите.

Децата се сите болни, сите кашлат. Лично моето дете го носам во болница. Веќе сме во „Козле“, зашто има проблеми со дишењето и со алергија-изјави АЛЕКСАНДАР ЗАХАРИЕВ, ЖИТЕЛ НА КОЧАНИ

Тие се сомневаат дека од фабриката не се придржуваат на правилата за заштита на животната средина, па наместо метан, се користи друго гориво кое не ги задоволува еколошките стандарди.

Ние гледавме, не сме слепи, кога влегуваа возилата со метан, со тие боци и сега гледаме кога влегуваат возилата со не знаме што внесуваат и што се ставаат во тој горилник да гори. Не е проблем луѓето да работат, нека работат, ама да ги почитуваат правилата врз која основа им е дадена дозволата за работа-изјави ЈАНЕ ЈАНКОВ, ЖИТЕЛ НА КОЧАНИ

Најкритично е, велат револтираните жители на околните стамбени објекти во петок попладне и за време на викендот.

Претежно ноќите за време на викенд се страшни-изјави Јанков

Кога ја пуштат е страшно, значи не се поднесува. Мислам дека тоа треба да го сфатат сите-изјави МАНЕ ЈОРДАНОВ

Според Законот, фабрика од ваков тип не смее да постои на растојание помало од 2 км од населено место. Населбата е градена подоцна, па сега буквално граничи со фабриката.

Или нека се селат од тука на 2 км. и нека го почитуваат Законот или ако сакаат тука да останат нека работат на метан, како што и работеа претходно и да не не загадуваат- изјави ОРЦЕ НИКОЛОВ, ЖИТЕЛ НА КОЧАНИ

Граѓаните потпишаа полномошно за адвокат за поднесување на колективна кривична пријава против раководството на фабриката, преку која ќе бараат да престане загадувањето и да им биде исплатена оштета.