Македонија
12. August 2019 - 23:05

Во Кочани протест против загадување на воздухот од фабрика за хартија

Кочанчани кои живеат во близина на фабриката за хартија „Пејпар мил“ со едночасовен мирен протест го искажаа револтот од загадувањето кое го прави фабричкиот оџак. Изминатеиве неколку месеци од оџакот се испушта густ и задушлив чад, поради што мештаните не можат да отворат прозор, ниту да излезат во дворовите.

- Немаме ништо против сопственикот или работниците, но сакаме да се заштитиме, ние и нашите деца, да биде еколошки чисто овде- изјави Владимир Крстов, жител на Кочани

Додека траеше протестот оџакот не чадеше, а од фабричкото обезбедување им беше речено дека работниците од денес се на колективен одмор.

- Не чади, знаат газдите... Прочитале дека ќе има протест и ја запреле печката. Во саботата и петокот беше ужас, не се живееше овде-додаде Крстов

Жителите помош побарале и од локалната самоуправа и од инспекторатот за животна средина, но состојбата останала непроменета. Од општината информираат, дека упатиле барање до компанијата да им достави известување за промена на начинот на работа кое влијае врз животната средина. Од „Пејпар мил“ добиле одговор дека поседуваа А- интегрирана еколошка дозвола, а била направена промена на погонското гориво, наместо природен метан, сега за добивање на водена пареа користеле дрвени пелети. Сепак, доколку загадувањето продолжи, мештаните најавија радикализација на протестите.

- Ќе блокираме, ќе дојдеме со возила и маса народ и ќе мора да го решиме овој проблем-изјави Крстов

Фабриката е рестартирана пред две години, но загадувањето почнало да се чувстува пред околу 5 месеци.