Македонија
10. May 2017 - 14:23

Во Кавадаречко голем интересот за самовработување со кредитирање

Занаетчии, фризери, шминкери, механичари, молерофарбари, се само дел од струките за кои во Кавадарци се отворени нови работни места преку владината мерка „самовработување со кредитирање“.

Како што рече денеска раководителот на Центарот за вработување Благојчо Борисов, интересот за оваа мерка е голем на ниво на целата држава.

Борисов информираше дека според оперативниот план на Владата, постојат 27 активни мерки за намалување на невработеноста. Од нив во моментов се активни 13, самовработување со кредитирање, кредитирање правни субјекти, практиканство, обука кај познат рабородавач, обука на работно место со субвенционирано вработување, обука за основни компјутерски и напредни ИТ вештини, обуки за странски јазици,...

- Кога станува збор за самовработување со кредитирање, има две категории или поделеност на лицата според возраста. За лица до 29 години кои имаат приоритет и кои добиваат повеќе пари ако се самовработат, но и над таа возраст. Кредитот за самовработување што можат да го добијат младите е 7.000 евра, а за останатите изнесува 5.000. Оваа мерка дозволува групирање. Да се соберат едно до пет невработени лица со исто идејно решение и така да добијат 21.000 евра пари за самовработување. Со 1,5 година грејс период и отплата на кредитот за седум години, со  еден процент камата, соопшти Борисов.

Оваа мерка, нагласи, се практикува околу десет години, а во Кавадарци и Росоман отвори 208 работни места.

- Сите заинтересирани треба да поднесат пријава до Центарот за вработување. На сите им нудиме помош при изработката на мини бизнис план, во зависност од идејата што ја имаат.  Во зависност од возраста, добиваат по три, пет или седум илјади евра за самовработување, објасни раководителот.

Во активните мерки за помош при вработување, додаде, се вклучени и инвалидите. Голема заинтересираност има и за обуките. Само кога се во прашање обуките за ИТ вештини, интересот е нешто помал.     

- Токму таа обука е голема инвестиција. Обуката зависно од програмата, не  чини околу 2.000 евра по лице. Секој што ги завршува тие курсеви веднаш се вработува и добива висока плата. Затоа ги повикувам сите на кои им лежи таа вештина, да се дообучат и да се појават на пазарот на трудот, да го верификуваат своето знаење со добри финансиски средства, напомена Борисов. 

Одговорајќи на новинарски прашања, рече дека потребата од работници во Дрекслмаер е неограничена. Интервјуа за нови вработувања има секој четврток во девет часот.