Македонија
20. July 2016 - 13:07

Во Кавадарци се гради концертна сала на Музичкото училиште

Основното општинско музичко балетско училиште „Лазо Митев Рале“ денеска започна со изградба на концертна сала за подобрување на условите за реализација на воспитно образовниот процес на учениците, проект во вредност од над 80.000 евра.

Досега училиштето сите концертни активности, јавни настапи, манифестации и слично ги обавуваше, нагласи директорот Златко Јованов, во салата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци.

Целиот проект е финансиран од локалната самоуправа, Министерството за образование и наука и УСАИД. Училиштето помош ќе добие и од бизнис заедницата во градот. За довршување на објектот и прибирање на средства одлучено е да се реализира и донаторски концерт за учениците од основните и средните училишта, како и за граѓаните на општина Кавадарци.

Со изградбата на концертната сала, нагласи Јованов, ќе се подобрат условите за работа и на учениците по балет кои досега својата програма ја реализираа исто така во Домот на културата.

Привршувањето на концертната сала се предвидува да биде со почетокот на новата учебна година.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов во обраќањето пред присутните се заблагодари на поддршката  добиена од УСАИД и МОН, но и кон бизнис секторот. 

- Кавадарци е единствена општина во регионот која добива ваков објект. Заблагодарувам и на градоначалниците од Вардарскиот регион кои уште пред неколку години ја поддржаа оваа идеја. Со нејзината реализација се создаваат услови ова училиште од основно да премине во средно и во него да се школуваат сите квалитетни ученици од регионот кои понатаму ќе го продолжат школувањето во Скопје, Европа и светот, нагласи тој.

Небојша Мојсовски, раководител на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, исто така изрази задоволство од соработката со Општина Кавадарци која трае повеќе години и рече дека му е задоволство што ќе се гради ваква сала во едно од најнаградуваните училишта.