Македонија
15. јуни 2019 - 20:01

Во Кавадарци презентација на вооружување, опрема и возила на Армијата на Северна Македонија и на САД

 Во Кавадарци вечерва се реализира презентација на вооружување, опрема и возила од Армијата на Северна Македонија и на САД,  кои учествуваат во теренската вежба Одлучен удар. На оваа презентација се приклучи и ТППЕ на Општина Кавадарци со своите возила и опрема. Презентацијата е  збогатена со аниматори за деца, жонглери, уличен баскет,музика и дружење. Целта е сите граѓани одблизу да се запознаат со вооружувањето и опремата на двете армии.

-На задоволство на општина Кавадарци и на граѓаните заедно, со НАТО и со американската  војска, нормално со армијата на нашата држава,  се договоривме денеска да направат презентација  на опрема, која е стационирана во базата Криволак. Ова е добар начин и цивилното население да се запознае со самата воена опрема и да се биде блиску до народот. Сите впечатоци кои нашите посетители  ги оставаат се одлични, затоа што се наидува на  насмеани и топли ликови и ликови кои си ја сакаат својата држава и армијата како важен дел од државата, рече градоначалникот Митко Јанчев.

Задоволство од тоа како беа пречекани, со насмевки од сите страни, изрази и Давид Полингер, од Хановер. Рече дека ова е негова прва посета овде и дека првпат излегува од неговата база од Америка и да ја посети нашата држава. Нагласи дека е презадоволен и покрај тоа што деновиве е малку повеќе жешко.

„Одлучен удар“ е досега најголема вежба која ја организира нашата армија во која учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора. Нашата армија и војската на САД учествуваат со по 1.300 војници, додека Црна Гора со 75, Литванија 10, Бугарија 25 и Албанија со 25 војници.

Вежбата има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците од составот на армијата, подобрување на интероперабилноста и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.