Македонија
11. May 2016 - 11:56

Во Кавадарци отворена изложбата „Ана Франк – Историја за сегашноста“

Синоќа во музеј галеријата во Кавадарци беше отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за сегашноста“, која претставува збир од триесет и девет изложбени панели со бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна.

Организатори  на изложбата се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

- Во плејадата значајни личности со светска слава од еврејска популација од областа на културата, уметноста, па и од политиката и бизнисот, како што се Абрахам Линколн, Бенџамин Франклин, Дастин Хофман, Бил Гејтс, Исус Христос, многу значајно место има и петнаесетггодишната Ана Франк, рече директорот на музејот Петре Камчевски.

Како историчар, Камчевски се осврна на животот на девојчето кое е познато по пишувањето на неговиот дневник.

- Во дневникот го дава светот онаков каков што таа може да го види во една целосна изолација бидејќи таа и целото нејзино семејство две години живеат како илегалци во работните простории на нејзиниот татко. Пишува дека знае, дека и покрај тоа што се добро скриени, Германците еден ден ќе ги пронајдат и ќе ги стрелаат, рече Камчевски, кажувајќи дека Ана Франк покрај за своите лични емоции и доживувања, најмногу пишувала за холокаустот и судбината на Евреите.

Умрела од тифус во концетрацискиски логор, а нејзиниот дневник е преведен на сите светски јазици. Има и неколку филмски остварувања за нејзиниот живот.

Пред присутните се обрати и Бојана Низамовска, претставник од Младински образовен форум.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“,  поддржан од Европската Комисија. Во рамки на проектот воден од Ана Франк Хаус, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.