Македонија
5. April 2016 - 17:30

Во Кавадарци отворен Регионален центар за поддршка на граѓанскиот сектор

Во Кавадарци на свечен начин денеска беше отворен Регионален центар за поддршка на граѓанскиот сектор. Претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион и градоначалник на Велес Славчо Чадиев, истакна дека објектот е дел од проектот „Регионален центар за поддршка на граѓанските организации во општините од Вардарскиот плански регион”, со седиште во Кавадарци.

Според Чадиев, со центарот ќе се овозможи јакнење на капацитетите на граѓанските организации. 

- Проектот беше имплементиран од страна на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, во рамки на програмата за рамномерен регионален развој за 2015 година. Со изградбата на овој центар ќе се подобри и координацијата на граѓанските организации и ќе се добие едно репрезентативно тело како легитимен претставник при легитимирање на приоритетите, во насока на поддршка на развојот на граѓанските организации не само во Кавадарци, туку и во целиот Вардарски регион, нагласи тој.

Во своето обраќање до присутните, државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска-Гугоска, потенцира дека благодарение на Центарот за развој и работата на сите градоначалници, овој регион во изминатиот период бележи особени успеси.

- Ова е проект кој поттикнува севкупна соработка со невладиниот сектор. Мрежата за инклузивен развој на Вардарскиот плански регион беше воспоставена благодарение на поддршката на УНДП. Министерството за локална самоуправа ја препозна како добра пракса и беше наградена како најдобар и најиновативен проект за меѓуопштинска соработка. Истиот како таков беше реплициран и во Пелагонискиот и североисточниот плански регион, изјави таа. 

Интенцијата на Министерството за локална самоуправа и на програмата за развој на Обединетите нации, нагласи Цветановска-Гугоската, е оваа пракса да ја реплицира и во останатите пет плански региони.

- Од исклучителна важност е што со реализацијата на овој проект всушност се реализира една од мерките на програмата за работа на мрежата, што покажува дека мрежата веќе го оправда своето воспоставување, додаде Цветановска-Гугоска.

Таа информираше дека преку Министерството за локална самоуправа за годинава се обезбедени финансиски средства во износ од 300 милиони денари, од кои 180 милиони се за поддршка на рамномерниот развој на планските региони. Вардарскиот плански регион има добиено 26 милиони. Со тоа, како што рече, понатаму исто така ќе се придонесе за рамномерен развој на регионите во државата.

Соопшти дека само што заврши и повикот за предлог проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во износ од околу 80 милиони денари. Нагласи дека општините од овој регион реализираа огромен број на проекти, а огромен број исто така чекаат за реализација.

Задоволство од соработката со општината Кавадарци и Министерството за локална самоуправа,  изрази и Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Македонија.

- Овој проект за мене е вистински пример за една прекрасна мултисекторска и меѓуопштинска соработка. Импресионирана сум од просториите и малку љубоморна, па би сакала да ги користам при моите посети на Кавадарци, рече таа.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов изрази благодарност до Министерството и сите други кои помогнаа за реализација на овој проект. 

Панов и Винтон потпишаа договор со кој УНДП се обврзува да обезбеди мебел и опрема за објектот, со што ќе се овозможи непречено одвивање на активностите на невладините организации.