Македонија
17. January 2019 - 14:58

Во Кавадарци изложба по повод 40 години ликовно творештво на Владимир Темков

Изложба по повод 40 години творештво на ликовниот уметник Владимир Темков, за утре организира Домот на културата “Иван Мазов-Климе” во Кавадарци. Од домот информираат дека и оваа година, интензивно продолжуваат со своите активности од областа на културата и уметноста. Самостојната изложба на академскиот сликар се совпаѓа со шесте децении од неговиот живот.

Организаторите информираат дека изложбата содржи дела од најново творештво на Темков, за кое ќе говори академик Блажо Боев и дека интензивно се подготвуваат за одбележувањето на јубилејот,  90 години од одигрувањето на првата официјална театарска претстава во Кавадарци. 

 -Станува збор за голем јубилеј кој ќе биде одбележан со бројни настани (театарски претстави – премиери, репризи и гостувачки, изложби и слично) низ годината. Во таа насока е и подготовката на новата премиера на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, целовечерната „Од кол на кол“, по текст на Реј Куни, во режија на Диме Коцевски и чие прво излегување пред публиката се очекува во втората половина на месец февруари, додаваат од културниот дом. 

Во рамките на јубилејот, оваа година кавадаречкиот Театар ќе исфрли три премиери на целовечерни претстави и три премиери на детски театарски претстави (од кои првата веќе започна со првите подготовки). Празнувањата на Театарот во Кавадарци започнуваат кон крајот на јануари, со реприза на матичната сцена на хит претставата „Пасивно пушење“ и нејзино гостување во периодот кој следува,  на неколку сцени низ Македонија.