Свет
27. September 2015 - 8:56

Во Каталонија се одржуваат регионални парламентарни избори

Во Каталонија утре се одржуваат регионални парламентарни избори, кои практично се доживуваат како референдум за отцепување на овој богат регион на Шпанија, доколку повеќето избирачите својот глас го дадат за партиите, кои се залагаат за независност.

Според најновите анкети се очекува дека сепаратистичките партии ќе освојат мнозинство од вкупно 135 места во Парламентот.

Сепаратистите веќе најавуваат дека ќе прогласат еднострана независност за 18 месеци, но истражувањата покажуваат дека шансите Каталонија навистина да стане независна се во доменот на теоријата.

Имено само 20 отсто од каталонските избирачи веруваат дека сецесионистичката кампања ќе доведе до отцепување.

Истражувањата на Центарот за студии на јавното мислење покажуваат дека прашањето на сецесија на листата најважни теми за Каталонците е под невработеноста, незадоволството од политиката и состојбата во стопанството.

Според последните анкети, борците за независност, би можеле да освојат тесно мнозинство и во тој случај, како што најавија Каталонија еднострано би прогласила независност во рок од 18 месеци.

За независност се залагаат две коалиции, „Заедно за да“, на чие чело е актуелниот претседател на Каталонија, Артур Мас и коалицијата на радикалната левица „Кандидатура за народно единство“, која заговара отцепување од ЕУ, а која според набљудувачите би можела да има пресудно значење во идната прераспределба на силите.

Од друга страна коалицијата „Каталонија, да ние можеме“, која ја сочинуваат левичарскиот Подемос и каталонската Зелена социјалистичка партија заговараат федерална Шпанија и одржување референдум за да се реши националното прашање во Каталонија.

На партиите, кои се залагаат за независност им се потребни 68 места во вкупно 135-члениот Парламент за да можат да продолжат да се борат за остварување на својата цел.

Каталонија е една од 17 автономни покраини на Шпанија и има околу 7,5 милиони жители. Таа остварува една петина од шпанското производство. Каталонија официјално е призната како историска нација во Каталонскиот автономен статут, усвоен во 1979 година во согласност со шпанскиот Устав од 1978 година.