Македонија
13. July 2015 - 15:12

Во „Југохром“-Тетово уништено запленето оружје и дрога

По повод Светскиот ден на борба против малото и лесно оружје, во погоните на „Југохром“ во Јегуновце, денеска беше уништена поголема количина на оружје, одземено во постапки кои се веќе завршени со правосилна судска пресуда.

Во присуство на министерот за внатрешни работи Митко Чавков и членовите на комисијата задолжена за уништување на оружјето кое се чуваше по институционалните депоа, во печките на „Југохром“ се уништени вкупно 593 парчиња разновидно оружје. Поконкретно, по видови, беа уништени 103 пушки, 397 пиштоли, 13 автоматски пушки, еден пушкомитралез, 58 парчиња ладно оружје и 21 цевка за пушка.

Инаку, МВР само во изминатата година има откриено и документирано 200 кривични дела поврзани со недозволената трговија и поседување оружје и распрскувачки материи. Кривични пријави се поднесени против 225 осомничени лица, а при акциите се запленети 221 парчиња разновидно оружје и 3.102 парчиња муниција.

Освен оружјето, во Југохром денеска се уништуваа и преку еден тон разни видови на наркотици, кои исто така биле одземени во постапки кои се веќе завршени со правосилни судски пресуди. Станува збор за приближно 893 килограми марихуана, над 226 килограми хашиш, 15,76 килограми хероин, 252 стебла марихуана и 1691 парчиња разни таблети.

Според претседателката на комисијата за уништување оружје и дрога, Азиме Адеми, и во годинешните активности на уништување на запленетото оружје биле запазени сите протоколи според законот.