Свет
12. December 2017 - 17:27

Во израелски воздушен напад во Појасот Газа убиени двајца Палестинци

Израел денеска изврши воздушен напад во Појасот Газа, во кој загинале двајца палестински екстремисти кои се возеле на мотор, јавија медиумите од регионот повикувајќи се на тврдења на локалното население.

Израелската армија се уште не ја коментираше оваа информација.

Жителите на Појасот Газа кои биле сведоци на нападот рекле дека убиените биле припадници на екстремистичката организација Исламски џихад.

Како што претходно пренесе МИА, израелскиот противракетен систем Железна купола вчера пресретнал ракета истрелана од Појасот Газа. Лансирањето на ракетата предизвикало тревога во израелскиот град Хоф Ашкелон, во близината на Појасот Газа.

Палестинските вооружени групи честопати лансираат ракети кон блиските израелски градови, кои израелската армија се обидува да ги собори со противракетниот систем Железна купола. Во овој случај ракетата била погодена сред лет и нема повредени. Како одговор на лансирањето на ракетата, израелски тенк гранатирал позиција на палестинската група Хамас во северниот дел на Појасот Газа.

Палестинскиот напад е одговор на серијата израелски воздушни и артилериски напади врз цели во Појасот Газа, при што беше уништен и тунел со кој Палестинците префрлувале оружје и борци на израелска територија. Двете страни разменуваат ракети и гранати од средата, кога претседателот на САД Доналд Трамп донесе одлука да го признае Ерусалим за главен град на еврејската држава.