Македонија
9. February 2016 - 8:44

Во изминатото деноноќие во Скопје, 11 сообраќајки 7 повредени

Во текот на изминатиот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди.

Од нив, четири се со последица материјална штета и седум се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на моторно товарно возило, еден сопатник и тројца пешаци.

Во текот вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 28 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Осум возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосница, тројца возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, како и осум возачи кои за време на управување со возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон.

Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција отстранети се 70 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни предавања во ОУ „Владо Тасевски“ кое се наоѓа на територијата на општина Карпош со учениците од второ одделение.

Во 10 часот и во 11 часот и 45 минути поранешните вработени на ОХИС и „Алумина“ ќе одржат мирен протест на бул. „Илинден“ пред зградата на Владата на Република Македонија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.

Од сообраќајната полиција известуваат дека и денеска во време од 9 до 13 часот на крстосниците во централното градско подрачје ќе биде реализирана обука за физичка регулација на сообраќајот на кандидатите за полициски службеници. Обуката ќе биде реализирана од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај и Центарот за обука при МВР.