Свет
4. November 2020 - 12:47

Во Италија се воведува полициски час

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го потпиша указот за полициски час што ќе стапи на сила во 22 часот во четврток, објавија тамошните медиуми.

Полицискиот час за целата држава ќе трае до 5 часот наутро. Воведени се и други рестриктивни мерки, како затворање на трговските центри за време на викендот, кои ќе траат до 3 декември.

Италија беше првата европска земја погодена од пандемијата на коронавирусот, која таму однесе повеќе од 39.000 животи. Вкупно, повеќе од 760.000 Италијанци биле заразени со Ковид-19.

Со новиот декрет, 20 италијански региони ќе се поделат во три зони – зелена, портокалова и црвена, во зависност од тежината на епидемиолошката состојба. Секоја боја ќе го претставува нивото на рестриктивни мерки кои се на сила.

Министерството за здравство ќе ги класифицира регионите врз основа на дваесет индикатори како што се стапката на инфекција или притисокот врз болничките капацитети и одделенијата за интензивна нега.

За време на полицискиот час, граѓаните ќе може да ги напуштаат своите домови само поради службени или здравствени причини.

Средните училишта преминуваат целосно на онлајн настава, а музеите се затвораат. На возилата за јавен превоз ќе им биде дозволено да пренесуваат само 50 проценти од вкупниот капацитет на патници.