Свет
19. August 2017 - 11:36

Во Италија има 32.000 бизниси на албански емигранти

Унијата на италијанските трговски комори, соопшти дека албанските емигранти кои живеат во Италија поседуваат околу 32.000 бизниси.

Во извештајот на Унијата, во врска со состојбата на претпријатијата, каде сопственици се странци, се наведува дека во земјата има повеќе од 580.000 бизниси во сопственост на странци.

- Според бројот на бизниси, каде сопственици се странци, Албанците се на четврто место. Тие најчесто се занимаваат со трговија и градежништво. Најмногу бизниси имаат државјаните на Мароко (над 68.000).Веднаш по нив се Кинезите (51.000) и Романците (49.000), јави тиранската телевизија Топ чанел.

Бројката од 32.000  бизниси, со кои располагаат албанските емигранти во Италија, е речиси 20 отсто од вкупните активни бизниси во Албанија.

Инаку, официјалните податоци на италијанскиот институт за статистика потврдуваат дека во оваа земја живеат околу 450.000 албански државјани. Добар дел од нив, посебно оние кои емигрирале по деведесеттите години од минатиот век, сега се бизнисмени, со што станаа една од најактивните заедници  во економскиот живот на Италија.