Свет
16. May 2016 - 15:06

Во Индија ќе се пренасочуваат реките за спас од сушата

Индиската влада донесе одлука за итно пренасочување на текот на реките, за земјата да може да се справи со катастрофалната суша, соопшти министерот за водени ресурси Ума Барати.

Во разговор за Би-Би-Си министерот рекол дека ваквата операција е предвидена и за големите реки, какви што се Брамапутра и Ганг.

Најмалку 330 милиони жители на Индија, или една третина од вкупното население, се погодени од сушата.

Ваквата ситуација уште повеќе е влошена поради големите горештини, со кои се зафатени повеќето индиски сојузни држави. Во овие делови од земјата, температурата во текот на денот се искачува и до 40 степени Целзиусови.

Со владината операција за користење на водата од реките, се опфатени 14 реки од Химелајскиот слив, како и 16 други од полуостровскиот дел на оваа голема азиска земја.

Еколозите остро се противат на планот, па поднесоа тужба до Врховниот суд, но нивниот приговор бил отфрлен и Судот ја подржал владата, оценувајќи го планот како решение во вонредни услови.

Ваквата операција е прва во историјата н Индија, од стекнувањето на независноста во 1947 година.

Метеоролозите ја објаснуваат ситуацијата во земјата со двете, едно по друго сушни сезони во времето на монсунските дождови.

Во Њу Делхи, сепак, се потсетува дека Индија со години на ред се соочува со криза со водата, а досега владите малку направиле за надминување на состојбата и ослободувањето од зависоноста од монсуните.