Македонија
15. November 2015 - 16:14

Во ИМП нови 75 вработувања, 12 возила и три пункта

Службата за Итна медицинска помош (ИМП) во Скопје ќе се зајакнува со нови 75 вработувања и тоа на 35 доктори, 20 медицински сестри и 20 возачи, кои ќе се реализираат до крајот на годинава. Ќе бидат набавени и 12 нови возила за ИМП.

Со предвидените нови вработувања ќе се формираат дополнителни 35 тимови кои ќе работат во три смени. Значи наместо досегашните 25 тимови на ИМП ќе има 60 тимови, што е во согласност со стандардите, потребите и проценките кои се направија за подобро функционирање на Брзата помош. 

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека сите нововработени лица ќе бидат упатени на едномесечно едукација во странство односно посебна едукација ќе поминат и докторите и сестрите и возачите. Новите тимови ќе почнат со работа во средината на февруари.

Со ова, посочи, ќе се намали просечното време потребно за интервенција односно да овозможиме екипата на ИМП да стигне што е можно побрзо до местото без оглед колку е оддалечено конкретното место од централното градско подрачје.

Потенцира дека поставуваат таргет на Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, кој е за период од три години, а целта е просечното време на реализација на повик да го намалат за 50 отсто односно од 38 минути на 19 минути, со што ќе имаме најкратко просечно време за реализација на повик од ИМП во цел регион.

- Одлучивме да отвориме нови пунктови на ИМП во Петровец, Сарај и Чучер Сандево. На пример, во Катланово побрзо ќе пристигне екипата ако доаѓа од пунктот кој се наоѓа во Петровец отколку како досега ако доаѓа од пунктот кој се наоѓа во Ченто, а во населените места кај Групчин побрзо ќе пристигне екипата од пункт во Сарај отколку како досега ако тргне од Ѓорче Петров или од Карпош, рече Тодоров.

Посебно значајно и во правец на сериозно намалување на времето на реакција, нагласи, е отворањето на пункт во Чучер Сандево бидејки возилата наместо од Чаир да патуваат повеќе од 15,20 минути до оваа општина, ќе ги имаме поставено таму.

- Инаку, пунктот во Чучер Сандево ќе ги покрива следните населени места: Љубанци, Љуботен, Кучевиште, Сандево, Бањани, Глуво, Блаце, Бродец, Танушевци, Брест, Малино, Побожје, Кучевишка бара, Мирковци, Бразда. Ова е многу значајна мерка имајќи предвид дека службата за ИМП при Здравствен дом Скопје е прва линија на давање итна 24-часовна здравствена заштита во делот на ургентна вонболничка медицина за потребите на населението на град Скопје, како и поголем број околни населени места, истакна Тодоров.

Во насока на зајакнување на кадарот од Итната медицинска помош Тодоров најави дека од понеделник почнуваат едукации на вработените во службите на Итна медицинска помош, од целата држава, вклучувајќи ги и тимовите од Здравствен дом Скопје. Едукациите ќе се изведуваат на 7 пункта во целата држава и тоа во Скопје, Велес, Штип, Струмица, Прилеп, Охрид и Тетово, ќе бидат опфатени 1.087 вработени во ИМП, а едукаторите се лекари кои се веќе обучени за вршење обуки во тренинг центарот за ургентни состојби во Турција.

- Службите за ИМП и претходно беа сериозно зајакнати и тоа во 2012 година со набавка на 69 амбулатни возила за ИМП и едно педијатриско амбулатно возило. Возилата се комплетно опремени со ЕКГ апарат, дефибрилатор, аспиратор и друга опрема и комплетно ги задоволуваат еколошките стандарди. Службите за Итна помош беа зајакнати и со нови вработувања, од кои само во Здравствен дом Скопје во 2012 година се реализирани вработувања на 11 доктори, во 2013 година вработување на 1 доктор, во 2014 година – 5 доктори, а годинава 16 доктори, рече Тодоров.

Од минатата година, укажа, воведени се тетра радио станици, кои функционираат во цела држава, при што само екипите на ИМП Скопје се поврзани со 14 рачни радио станици и една фиксна радио станица. Целата комуникација меѓу екипите на терен и централата се одвива преку тетра системот.

Посочи дека во рамки на објектот на ИМП функционира и повикувачкиот центар за „Ало докторе“ – телефонска линија која е достапна 24 часа за граѓаните од целата држава, кои може да се обратат за совети и консултации за различни здравствени состојби, на која изминатите 14 месеци откако функционира се реализирани 61.590 повици. Оваа мерка, истакна, сериозно го намали бројот на повици кон ИМП дури и до 20 до 25 отсто.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека нивна задача и обврска е да ги следат потребите на граѓаните, да лоцираат она што е приоритет, а во овој период тоа е зајакнување на службата на ИМП.

- Благодарение на ресорното Министерство изготвуваме стратегија и активности кои во наредниот период ќе ги реализираме. Верувам дека за брзо време навистина сето ова ќе го реализираме и ќе бидеме уште подостапни и побрзи до граѓаните кога најмногу им требаме кога станува збор за живот или смрт, бидејќи службата на ИМП е прва линија во делот на вонболнична ургентна медицина, додаде Баевска Вучковиќ.