Балкан
12. May 2016 - 10:48

Во Грција загриженост поради односите ЕУ-Турција во врска со мигрантскста криза

Грчките власти се загрижени дека приливот на мигранти преку Егејското може драстично да се зголеми, со оглед на растечките тензии меѓу ЕУ и Турција.

Вчера се зголеми загриженоста во врска со судбината на договорот меѓу Европската унија и Турција кој радикално го намали приливот на мигранти кон ЕУ преку Грција, поради ескалацијата на несогласувањата за одбивањето на Анкара да ги усвои законите на ЕУ за борба против тероризмот, коментираат грчките медиуми.

Договорот за мигранти се соочува со „многу опасен момент“, рече министерот за европски прашања на Турција Волкан Божкир на прес-конференција со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц во Стразбур.

Божкир рече дека Турција во основа ги исполнила условите од договорот, иако Брисел инсистира Турција да ја ревидира својата антитерористичка легислатива пред турските државјани да можат да патуваат без визи во Европа.

Шулц изрази уверување дека договорот помеѓу Турција и ЕУ ќе се почитува.

Сепак, советникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Бурхан Кузу, на својот Твитер профил ја изрази нетрпеливоста на Анкара и напиша дека турските власти „ќе ги испратат бегалците назад“ во Европа, ако на турските граѓани не им се укинат визите.

Покрај загриженост за зголемување на приливот на бегалци, грчката Влада, исто така, се соочува со некои внатрешни несогласувања во врска со миграциската криза со оглед на тоа што некои политичари, ообено од радикалното крило на Сириза „не се среќни“ со враќањето на мигранти од Грција во Турција, како дел од договорот помеѓу Турција и ЕУ.

Во прифатни центри низ цела Грција во моментов живеат повеќе од 50.000 мигранти, од кои околу 10.000 се во импровизираниот камп во близина на селото Идомени кај грчко-македонската граница. Во кампот има големи тензии поради кои често доаѓа до тепачки меѓу мигрантите и локалните жители почнаа да го губат трпението во врска со ситуацијата.

Шест локални жители, вклучувајќи ја и претседателката на општината Ксантула Супли, вчера поднесоа тужба против министерот за цивилна заштита Никос Тоскас поради „целосно отсуство на државна контрола“ во кампот и затоа што не успеале да го заштитат селото од проблемите кои ги созадава кампот. Во тужбата исто така се тврди дека мигрантите често ги вандализираат и домовите на луѓето во пошироката заедница.